Вести Македонија Топ вести

Премиерот остро до министрите во МВР – вели собираат политички поени и го продлабочуваат хаосот со пасошите

Техничкиот премиер ги задолжил првите луѓе на МВР, дневно да реферираат за пасошката криза, со бројки за примени барања и за издадени нови документи.

Џафери денес ги искритикува министерот и дополнителниот заменик. Наместо да даваат соодветни и точни информации, тие го продлабочуваат хаосот, реагира претседателот на преодната Влада.

Ова следува откако министерот Панче Тошковски поставен од ВМРО-ДПМНЕ обвини за „саботажа“ во МВР и на тоа го припиша недостатокот на обрасци за патните исправи.

Дополнителниот заменик-министер, Митко Бојмацалиев, ги демантираше овие наводи.

„Информациите се разликуваат и тоа, условно кажано, нека им служи на чест на тие што го прават тоа. Тие се надлежни и должни како институција, без оглед дали се од опозицијата или од мнозинството. Министерството за внатрешни работи е институција којашто треба да дава соодветни информации до граѓаните и да ги информира како што треба. А, не да прави хаос во перцепцијата на граѓаните. И од таа причина, наложив на дневна основа да доставуваат податоци“ изјави Талат Џафери, претседател на преодната Влада на РС. Македонија.

Министерот Тошковски пред неколку дена информираше дека пристигнале 20.000 обрасци, а преку внатрешна истрага во МВР ќе се трага по причините за измена на Договорот за набавка на патните исправи.

Според првичниот Договор, добавувачот требало да испорача 400 илјади обрасци за пасоши до средината на февруари, тврди Тошковски.

Дополнителниот заменик-министер тоа го демантираше, а денес преку социјалните мрежи информираше дека деновиве се очекува поголема количина обрасци за патни исправи да пристигне во земјава.

„Пратката од 140.000 обрасци за патни исправи, како што најавив, е подготвена и е на пат кон Република Северна Македонија. Исто така, за многу скоро време ќе пристигне уште една пратка од 85.000 обрасци. Со тоа, бројката од 225.000 обрасци се комплетира“ вели Митко Бојмацалиев, дополнителен заменик-министер во МВР, преку статус на социјалните мрежи.

Вчера, од МВР истакнаа дека бараат начин како да го зголемат капацитетот за печатење пасоши, во услови на техничка Влада. Сепак, најоптимален рок за целосна замена на пасошите останува крајот на годината.

Од ВМРО-ДПМНЕ повикуваат на измена на Законот за патните исправи, по истиот принцип како и законот којшто ги тангира возачките дозволи, за пасошите да важат за употреба во земјава.

Од владејачката СДСМ, на тоа возвраќаат дека не е едноставно да се измени овој закон, поради тоа што со Преспанскиот договор се преземени обврски, а пасошот е документ за меѓународна употреба.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Врховниот суд ја укина пресудата со 3 години затвор за Васил Јованов, но Кривичниот ја наведе како отежителна околност при изрекувањето на 12 години затвор за прегазувањето на Фросина Кулакова

Дејан Дејан

Петрески: Трошокот за општеството е поголем од унгарски кредит, бидејќи каматната стапка ја плаќаат даночните обврзници

Дејан Дејан

САД бараат од НАТО-сојузниците прифаќање на пет проценти од БДП за одбрана

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе