Нови пет случаи на пертусис, со што вкупниот број на потврдени случаи на голема кашлица според Центарот за јавно здравје- Скопје се искачи на 31. Само претпладнето во вакциналниот пункт во поликлиниката „Букурешт“ се вакцинирани 50 деца, 2/3 од нив се деца кои доаѓаат за пропуштени дози.
Се издаваат и потврди за деца кои се редовно вакцинирани и на оние кои сега се вакцинираат.
Редици родители пред вакциналните пунктови, дел од нив револтирано реагираат дека чекале со часови, но медицинските лица повикуваат на трпение и јасни критериуми што во чија надлежност е.
Исто така дечиња што се нередовно вакцинирани, имавме и таков случај утрово, бараат целосна документација дека поради некоја здравствена причина не може да бидат вакцинирани и да кажам ние таков документ не издаваме. Релативна, апсолутна или времена контраиндикација за вакцинирање носи само конзилиум од тројца лекари на Универзитетската клиника за детски болести и Институтот за имунологија. До матичните и до родителите ако детето има некој здравствен проблем потврда за контраиндикација за вакцинација издаваат овие институции, изјави спец. д-р Сања Цилевска – Младеновска од вакциналниот пункт во поликлиниката Букурешт.
Родителите да бидат трпеливи, без оглед што на сите им се брза но станува збор за одговорна работа кога се работи со повеќе типови вакцини, треба внимателно да се прегледа детето, да се види претходната документација, па да се одлучи која вакцина да се даде, вели педијатар Цилевска -Младеновска.
Во моментов на Универзитетската клиника за респираторни заболувања Козле хоспитализирани се 8 деца со пертусис сите се во стабилна состојба само едно младо доенче е на повремена оксигена терапија.
Инаку симптомите за родителите да кажеме започнуваат како симптоми на настинка и тие се појавуваат десетина дена по инфекцијата, но дури и пред да се појави таа типична кашлица заразените можат да бидат преносители на болеста и тоа се случува брзо, затоа што околу 80% од оние кои доаѓаат во контакт со заразено лице веќе се заразени, значи станува збор за високозаразно заболување. Ова го кажувам како совет за колективите за училиштата за да превенираат сега кога имаме пертусис, за да не се примаат деца кои имаат симптоми и на настинка, ни изјави спец. д-р Мирјана Панова – Поповска од универзитетската клиника за респираторни заболувања Козле.
Во меѓувреме градинките следејќи ги препораките на Комисијата за заразни болести да не примаат деца кои не се вакцинирани или делумно вакцинирани побараа родителите да ги ажурираат податоците за вакциналните картони.
Според Ѓоко Велковски, министерот за труд и социјална политика во техничката влада, тогаш кога ваквата одлука ќе биде донесена и на владина седница тие веднаш со своите тимови ќе направат проверка во рамките на нивните задолжувања и ингеренции.
Нина Стефанова