Поделбата помеѓу членството во Алијанса за Албанците од ден во ден се подлабока. Синоќа пред домот на Таравари во Гостивар голем број граѓани со запалени факели излегоа во знак на поддршка, а тој со мегафон им се обрати на присутните.
Ваквиот след на настаните доаѓа по последниот инцидент во кој како порака со закана за Таравари пред неговата врата беше оставен куршум од автоматска пушка.
Лидерот на Алијанса пред насобраните поддржувачи, порача дека сега повеќе од кога било е убеден во патот што го избрале, односно да се приклучат кон опозициските партии на Албанците.
Тоа, како што рекол Таравари, го констатирал на средба со ограноците на партијата, но пред сѐ со граѓаните, кои, според него, сакаат промени.
Во однос на оставената порака за ликвидација првиот човек на Алијансата порача дека промената е почната и нема да запре.
Алијанса за Албанците изминатите денови е во центарот на вниманието откако во саботата Фејсбук стана арената во која првенците на партијата ги потврдија шпекулациите за длабоките разлики во врвот на партијата за тоа како и со кого да се настапи на претстојните парламентарни избори.