Си го примиле поранешниот директор на несоодветно работно место во експресен и противзаконски рок за вработување, не вработиле оние што ги поминале тестовите- трудовите инспектори нашле седум грешки на директорите на МНАВ, кои беа разрешени по упадот на групата на Незири.
Многу вработувања и многу големи пропусти при огласите и при постапките за вработување во најпосакуваната и најплатената државна работа во контролата на летање. Пропустите ги откри Државниот инспекторат за труд во нивните инспекции откако во кулата на летање се случи упадот на групата на Незири.
Имало 4 огласи, а во два кои ја предизвикаа синдикалната побуна се најдени 7 пропусти. Инспекторатот за труд утврдил дека разрешените директори „зготвиле“ посебен оглас во декември за сметководител на кој во МНАВ го вдомиле нивниот поранешен колега и веќе поранешниот економски директор Миљаим Селмани. Огласот траел еден викенд, а го примиле и на погрешно работно место.
–Рокот на огласот за кандидатот за работно место Самостоен советник сметководител со внесување во електронскиот систем на АВРСМ изнесува три денови и покрај фактот што работодавачот навел рок од десет денови, со што огласот објавен во АВРСМ е во спротивност во делот на времетраењето со објавениот оглас од страна на работодавачот. До денот на надзорот од страна на работодавачот и АВРСМ не е извршена корекција за работното место на кое е пријавен кандидатот во образецот М1/М2 со што истото се разликува од работното место за кое кандидатот склучил договор за вработување со работодавачот, објави Државниот инспекторат за труд.
Потоа во Агенцијата за вработување испратиле и ургенција за исправка на грешката, но ништо не било сторено. Екс директорот Селмани почнал да ги прави сметките на МНАВ на 29-ти декември, истиот ден кога неговите колеги директори го пријавиле вработувањето иако таков начин на пријавување е спротивен на Законот за работни односи.
Покрај тоа големи грешки се направени и при огласот за вработување на 11 лица, кога синдикатот најави штрајк поради партизација на контролата на летање. На кандидатите што биле отфрлени не им била дадена нова шанса, не биле известени дека бил прекинат конкурсот, а МНАВ немал ниту докази за спроведени интервјуа во втора фаза од процесот на вработување.
МНАВ дополнително го прекршил законот со тоа што за одредени позиции навел услови за вработување кои не се согласно систематизацијата со што бил отворен патот за вработувања главно на роднини на функционери од ДУИ.
За ваквите прекршоци, директорите Фахрудин Хамиди и Љубе Стаменковски кои беа разрешени по упадот, како и се уште актуелниот економски директор Хасим Деари се казнети со симболична прекршочна казна, а новите директори треба да ги исправат нивните грешки и да поништа дел од огласот за прием на студенти инжинери и студенти техничари.
–За утврдените неправилности ке се изрече глоба во висина од 600 ЕУ за правното лице и 400 ЕУ за одговорните лица поединечно, соопшти ДУТ, иако платите на директорите се меѓу 3.500 и 5.000 евра.
По Агецијата за цивилно воздухопловство, трудовиот инспекторат е втора институција која најде серија пропусти во работењето на веќе разрешеното раководство на МНАВ кое на крај дозволи и упад во контролата на летање.
Обвинителство се уште води истрага за 8-мина од групата на Незири кои го предизвикаа инцидентот во кулата. Осомничени за тешко кривично дело за кое минимална затворска казна е 5 години.
За неправилностите алармираше синдикатот, а трудовиот инепкторат го проверил и него и не утврдил пропусти во синдикалното работење освен се уште активното предупредување за почеток на штрајк.
Миомир Серафиновиќ