Нема салмонела во детската градинка „23 Август“ во Берово. Ова го покажуваат последните анализи направени од Центарот за јавно здравје Кочани. Директорот, Гоце Серафимов вели дека во анализите од пилешкото не е пронајдена бактеријата салмонела. Од каде се појавила, односно кој е изворот епидемиолозите треба да откријат дополнително.
- „На основа на последните анализи од примероците земени, сите анализи се негативни. Тоа значи дека ние не можеме да потврдиме во овој случај. Анкетите на заразените деца потврдуваат дека заедничка точка им е градинката. Понатаму епидемиолозите од ЦЈЗ имаат своја постапка и ќе бараат други можни извори на зараза. До сега ние немаме потврдено друг извор на салмонела“, соопшти Серафимов.
Децата во беровската градинка со симптоми се јавија кај матичните лекари минатата недела, по што кај нив беше утврдено присуство на бактеријата салмонела. Кујната во градинката е затворена, а во беровскиот регион 11 дечиња се заразени со оваа бактерија.
Викторија Јованова