Амбасадорката на САД со скопскиот обвинител Бубевски: Поддршка за независно обвинителство
Американската амбасадорка во Скопје, Анџела Агелер денеска се сретна со шефот на скопското обвинитество Гаврил Бубевски. На социјалната мрежа Икс, Агелер објави и фотографија од средбата и напиша: Jа изразив нашата поддршка за независно обвинителство, кое е клучно за унапредување на владеењето на правото и евро-атлантските интеграции на Северна Македонија. Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат правда и непристрасно одлучување, напиша Агелер на мрежата Икс.
Средбата на Агелер и Бубевски била во зградата на Обвинителството каде покрај скопското се и седиштата на Вишото и на Државното Јавно Обвинителство.
Агелер се сретнала само со Бубевски кој е раководител на обвинителството од прв степен односно основно. Нема информации или најави за средби со скопскиот Виш јавен обвинител Мустафа Хајрулахи или со в.д. државната јавна обвинителка Соња Симевска. По истекувањето на мандатот на Јовески, државното обвинителство има вршител на должност. Избор на нов обвинител е закажан за утрешната седница на Собранието, а кандидат прифатен од Советот на Јавни обвинители и предложен од владата е Љупчо Коцевски.
Американската амбасадорка го посети скопскиот обвинител еден ден пред закажаниот избор на нов државен обвинител.