Изворот на внатрешниот проблем кај Алијанса на Албанците датира од 2022 година, кога партијата одлучи да се приклучи на владината коалиција, смета Џелал Незири, претседател на инситутот Бирс, во вечерашната дебата во „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Уште од донесување на таа одлука, Таравари беше против Алијанса на Албанците да биде дел од владината коалиција. Претпочиташе повеќе да се унифицира, обединува албанската опозиција, но Села, како претседател на собранието на партијата, сепак донесе една таква одлука која според статутот, претседателот на партијата и претседателството се обврзани да ја испочитуваат и имплементираат. Така се поставени работите внатре во Алијанса, каде што централна улога има собранието. Тоа е орган кој носи одлуки, усвојува политики, а претседателот и претседателството се таа извршна власт внатре во партијата која треба да ги извршува“, изјави Незири.
Таа поделеност меѓу Села и Таравари, според Незири, датира од тогаш.
„Таравари, не по негова волја, стана еден од лидерите кои беа дел од владината коалиција и до овој момент или до пред неколку дена тој инсистираше Алијанаса да биде дел или да се приклучи на опозициската коалиција на албанските партии наречена Европски сојуз за промени кои не одеа со тоа што беше основен договор меѓу Алијанса и ДУИ во 2022 година, кога пристапија на владината коалиција. По сè изгледа, тогашниот договор меѓу Алијанса на Албанците и ДУИ беше не само да настапат заедно во владината коалиција, туку таа соработка потоа да прерасне и во предизборна коалиција. Мислам дека тука кулминираа несогласувањата и дојде до момент, пред неколку дена, да се знаеше дека нема враќање назад, Алијанса да се обедини повторно. И се очекува се да се дознае и верифицира во сабота“, вели Незири.