Дваесет и тригодишен професионален војник во Армијата е осомничен дека снабдувал затвореници во „Идризово“ со мобилни телефони. Против него е повредена постапка за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик.
Настанот, според Основното јавно обвинителство (ОЈО Скопје, се случил на 1 февруари додека осомничениот, поради прогласена кризна состојба на подрачјето на затворот, бил ангажиран како надворешно-статично обезбедување од стражарна кула на оградниот ѕид на објектот.
„Притоа, тој презел дејствие со кое ги пречекорил границите на своите службени овластувања со намера за двајца осуденици кои издржувале казна затвор во затвореното одделение и на кои согласно куќниот ред во затворот им се забранети мобилни телефони, да им прибави и да им овозможи користење на мобилни телефони и комуникација без надзор на затворска полиција“, се наведува во соопштението на ОЈО Скопје.
„Откако претходно скрил 10 мобилни телефони во тактичкиот елек од униформата која ја носел, тој го напуштил стражарното место и знаејќи дека осудениците биле пуштени на дневна прошетка и го чекаат, застанал до ѕидот од кабината и последователно преку две заштитни огради им ги фрлал мобилните телефони, со цел да им овозможи комуникација без надзор“, се додава во соопштението на ОЈО Скопје.
Бидејќи постојат околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство, како и особени околности кои го оправдуваат стравувањето дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело, јавниот обвинител достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.