Постојаната мисија на Русија во Обединетите Нации (ОН) побара итна седница на Советот за безбедност по нападите на САД и на Велика Британија врз позиции на Хутите во Јемен. Состанокот, според агенцијата ТАСС, е закажан за 16 часот по локално време во Њујорк.
Со Резолуција на Советот за безбедност во средата беше побарано јеменските Хути веднаш да престанат со нивните напади врз бродови во Црвеното Море. Русија и Кина беа воздржани при гласање, како и Алжир и Мозамбик. За документот беше усвоен со 11 гласа „за“.
Американски и британски авиони и воени бродови извршија напади врз воени објекти на бунтовничката група Хути во Јемен. Според изјави на Хутите, но и на претставници на САД и В. Британија, мета првенствено биле аеродроми за кои западните сили сметаат дека се локации од кои Хутите лансираат ракети и дронови, како и складишта за оружје и радари.
Американското воздухопловство соопшти дека на удар во нападите против јеменските Хути биле повеќе од 60 цели на 16 локации – командни места, складишта со оружје, производствени погони и радари на противвоздушната одбрана.
Британското кралско воздухопловство, пак, соопшти дека нивно летало погодило две мети од кои една била аеродром во близина на Абс. Дригата мета била комплексот Бани од кој, според разузнувачки информации, се лансирале извидувачки и јуришни дронови. Во нападите учествувале четири авиони Тајфун кои полетале од базата на Кипар.