Тим од државниот инспекторат за труд од утрово е во М-НАВ и врши проверка на наводите на Синдикатот околу сопрени огласи за вработување и вработувања во кои се прекршени или не се испочитувани законските прописи. И Владата и синдикатот побараа од трудовиот инспекторат да дојде во македонски навигации и темелно да ги испита вработувањата во компанијата. Дали увидот ќе биде заврши денеска или пак ќе продолжи и наредните денови директорката Томовска не можеше да соопшти а наоди ќе бидат презентирани на јавноста во текот на идната недела.
„Денес тим од тројца инспектори ќе го посети работодавачот (М-НАВ) и ќе изврши првичен инспекциски надзор односно увид. Чекам да заврши увидот и потоа врз основа на разгледување на презентираната документација ќе се изготви записник кој ќе го презентираме во јавноста. Инспекторатот ќе постапи кај работодавачот, ќе побара од Синдикатот дали има најава за штрајк, дали се почитувани одредбите од Законот за работни односи, како во делот на одредбите кои се однесуваат за најавување на штрајк така и за одредбите кои се однесуваат во делот на веќе споменатите и медиумски застапени вработувања кај работодавачот“, изјави Весна Томовска, директор на Државниот инспекторат за труд.
Претседателот на Синдикатот на контролорите за летање, Александар Тасевски, смета дека инцидентот кој го предизвика Незири и нападот врз контролор само докажа дека во Македонски навигации има погрешно поставени системи и постапки.
„ Тоа е почетокот на одмотување на клопчето. Тоа не е настан кој резултира од грешките од вчера или завчера, туку покажува дека целиот овој период погрешно била поставена целата постапка, кој лица биле вработени во службите за обезбедување, каква била нивната задача, дали имале други активности, кога во одреден момент се договориле да направат напад врз контролор на летање, но законодавството да си ги одговори овие прашања“, изјави Александар Тасевски, претседател на Синдикат на контролори за летање
Според информациите на „Телма“ прелиминарниот извештај од интерната истрага во М-НАВ веќе е доставен до Агенцијата за цивилно воздухопловство но Комитетот за безбедност на М-НАВ не се состанал, бидејќи се разрешени извршните директори, кои во исто време се и членови на Комитетот. Очекувањата се дека идната недела Надзорниот одбор ќе ги именува двајцата директори со што ќе се исполнат условите за да се одржи состанок на Комитетот за безбедност на М-НАВ.
Од финансиската полиција кој во вторникот влезе во М-НАВ соопштија дека дел од документацијата е прибрана но и дека се чека останатите документи да им бидат доставени и потоа ќе почнал со анализирање на податоците а ќе се испитуваат јавните набавки финансиското работење на компанијата и Синдикатот со фокус на вработувањата.
Огнен Чанчаревиќ