Обвинителството бара притвор за таткото монструм од Кичево, кој ја претепа до смрт својата 2 годишна ќерка. Тој е приведен вчера, откако на 8 јануари малото девојче почина на Клиниките во Скопје од тешките повреди на главата и телото што му ги нанел насилникот. ОЈО Кичево започна истрага за кривично дело Убиство.
Осомничениот 29-годишник, на 18 декември, при вршење семејно насилство, ја лишил од живот сопствената ќерка родена 2022 година. Тој и нанел повеќе удари со раце и нозе, предизвикувајќи и тешки телесни повреди – скршена коска на черепот, крварење во мозокот и скршеници на две ребра. Од здобиените повреди детето починало на 8 јануари, во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, соопшти ЈОРМ.
Три недели траеше битката за живот на двегодишно девојче. Мајката после чинот на насилство, го однела детето кое било во бессознание во болницата во Кичево, но поради сериозноста на повредите, ноќта е пренесено на Клиниките во Скопје. Таму настанот веднаш бил пријавен во полиција, а како што се наведува во полицискиот билтен од 19 декември, при извршен службен разговор со мајката таа кажала дека детето се повредило при пад во детска игра. Лекарите не успеале да го спасат малото дете, жртва на сопствениот татко.
На 19 декември, во Ургентниот центар во болницата во Кичево во коматозна состојба е примена двегодишна пациентка. Поради критичната состојба е препратена во Скопје, на Ургентен хируршки центар, а потоа префрлена на Клиниката за неврохирургија. И покрај сите заложби на лекарите, двегSодишната пациентка подлегна на тешките телесни повреди, наведуваат од Министерство за здравство.
Таткото е приведен вчера во Кичево, соопштија од полицијата.
Вчера околу 15.30 часот, на улицата „Маршал Тито“ во Кичево, полициски службеници од ОВР Кичево, од слобода го лишија Ф.Д.(30) од Кичево. Тој се сомничи дека на 18.12.2023 година во семејниот дом во Кичево и нанел тешки телесни повреди на неговата двегодишна ќерка, рече Стефан Димовски, портпарол на СВР Охрид.
Од Центарот за социјални работи во Кичево велат дека за немилиот настан не се известени ниту од МВР, ниту од семејството. Досега семејно насилство не е пријавено кај нив, освен известување пред две години дека мајката заминала од домот со 7-те децата. Но, при увидот на социјалните работници таа веќе се вратила со објаснување дека недоразбирањата се надминати, по што не се пријавени проблеми од ова семејство, информираа од кичевскиот Центар за социјални работи.
Емилија Мисирлиевски