Па пауза од три месеци започна второто читање на новиот Закон за употреба на македонскиот јазик, чиј предлагач е Министерството за култура. На собраниската Комисија за култура расправата за 65 поднесени амандмани траеше речиси четири часа. Беа усвоени 27. Групата пратеници од опозициската ВМРО ДПМНЕ во своите забелешки истакнаа дека несфатливо е зошто се одбива во Законот за употреба на македонскиот јазик да стои македонистика.
- Јас само сакам да потсетам министерке дека на јавната расправа која што беше организирана се спомена од стручната фела дека треба да се додаде и македонистика, ние тргнавме од тие забелешки и затоа така го дадовме амандманот. А таму како што се сеќавам имаше професори од Институтот за македонски јазик, на кои сметам дека тоа им е главната цел на работа- Велика Стојкова- Серафимовска, ВМРО-ДПМНЕ..
- Македонистиката претставува едно друго поле кое што заедно го дискутиравме со членовите на Советот за македонски јазик кое што можеби треба да биде уредено во друг закон. Во македонистиката се вбројува и културата и фолклорот, а ова е Закон за употреба на македонскиот јазик. Токму затоа и тоа беше на барање на членовите на Советот за македонски јазик- Бисера Костадиновска – Стојчевска, министерка за култура.
- Видете тоа што се вика Закон за македонски јазик, апсолутно не значи исклучување на науката. Најупатените во оваа наука се македонистите, затоа што кој треба да учествува во изработка на Национална стратегија, не лаици, не политичари, туку експерти за македонски јазик- проф. д-р Гордана Силјановска – Давкова, независен пратеник.
Предлог-законот за македонски јазик, кој стигна до јавна расправа беше подготвен во 2019 , но не влезе во собраниска процедура поради распуштањето на Собранието, по што следеа вонредните состојби. Во него е предвидено стипендирање на студенти по македонистика во сите три циклуси, како и вработувања и ангажирања на лектори, во сите државни и јавни установи и институции, Владата, Собранието и министерствата, па сè до локалната власт, универзитетите, научните институции, во основните и средните училишта и медиумите.
Нина Стефанова