Eнергетските компании кои сакаат да се јават на повикот за универзален снабдувач имаат рок уште три дена да ги подготват документите и да ги достават. Oд ЕВН за Телма соопштија дека тие ги прават последните подготовки. Ќе го запазат рокот и до петок, кога е последниот ден, ќе ги достават. Од ЕДС, пак, изјавија дека сè уште чекаат одлука од матичната компанија во Атина дали ќе се јават, иако во изминатиот период првиот човек на ЕДС во дел од медиумите изјави дека ќе учествуваат на повикот.
Во меѓувреме, од ЕДС поднесоа и жалба до комисијата за жалби по јавни набавки за тендерот за избор на универзален снабдувач. Во еден од условите стои дека фирмата која сака да се јави на повикот, треба да има работен капитал од 40 милиони евра. Компанијата, според податоците, има загуби настанати поради енергетската криза, но неколку пати од таму соопштија дека за да конкурираат можат да бидат поддржани од мајката компанија во Атина од каде чекаат повратен одговор.
Инаку, матичната фирма на ЕДС е грчката државна компанија за производство на енергија, која, пак, беше избрана да го гради Чебрен. Но, два дена по Нова година беше соопштено дека тендерот пропаднал. Интерес да се јави на повикот за универзален снабдувач има и кај ЕСМ продажба. Но, одлука за тоа дали ќе учествуваат или не најверојатно ќе се донесе утре.
Во енергетската компанија РЕС, пак, одлучиле да не се јават на повикот. Сепак, оној кој ќе понуди најниска профитна маржа, ќе биде новиот снабдувач со електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи.