Христос се роди!
Вистина се роди!
Со овие зборови православните христијани го слават денес Рождеството Христово Божиќ. Здравје, мир и единствo се желбите на граѓаните и оваа година.
-Божиќ е еден од најубавите христијански празници кој со радост го очекуваме и се радуваме. Сакаме да има среќа, мир во сите семејства, благосостојба.
-Нека владее мир во светот мир пред се, да има само здрави луѓе да нема болест. Сите да се среќни, весели и насмеани. Тоа би посакала за оваа година.
Во сите храмови на Македонската православна црква се одржаа божиќни литургии.Во Божиќното послание од името на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и членовите на Светиот архиерејски синод кое го пренесе отец Сашко Николовски беше забележано дека и денес гледаме страшни поделби во светот. Се чини дека човештвото никогаш не било толку поделено и спротивставено.
Братоубиствените војни леат реки од невина крв, која не е различна од онаа на витлеемските младенци. Поделби гледаме и внатре во Црквата. Православието никогаш не доживеало толкава подвоеност и внатрешно неединство. За жал, поделбите на различни основи не ја одминуваат ниту нашата македонска земја. А духовното и национално единство ни е попотребно од било кога, за да можеме како Црква и како народ да опстоиме и да зачуваме сѐ што е наше – македонско. Па се поставува прашањето: што можеме да направиме тука ние како Црква? Можеме да го направиме токму тоа за што сме повикани – да се обединиме и да се обединуваме, онака како што некогаш се обединија луѓето и ангелите пред Витлеемската пештера, порача отец Сашко Николовски.
Честитки по повод големиот христијански празник до граѓаните упатија голем број политичари кои им посакаа здравје, среќа , благосостојба, солидарност и взаемна почит.
Нина Стефанова