Скандалозен настан, одговорност, оставки, заштита на партиски војници, загрозување на безбедноста па и терористички акт! Со вакви оценки за инцидентот во М-НАВ, опозициските партии го вперуваат прстот во ДУИ.
ВМРО-ДПМНЕ бара оставки и одговорност за овој невиден настан. Во моментот на насилниот упад, велат, 40 авиони вршеле прелет на македонското небо. Во насилството учествувале и обезбедувањето од Агенцијата 2СС, која добива тендери секаде што СДСМ и ДУИ се на власт. Тепачите не добија притвор, па можат да го повторат делото, предупредува ВМРО ДПМНЕ.
-Овој страотен настан, според голем дел од експертите е терористички акт, а во најмала рака претставува кривично дело Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, за кое според Кривичниот законик, превидена е казна затвор од пет до десет години. Извршен е насилен упад во М-НАВ, кој е објект на критична инфраструктура, и било загрозено небото над Македонија, која патем е НАТО членка, а со тоа било загрозено и европското небо и животите на илјадници патници, како домашни, така и странски, кои во тој момент се наоѓале во авионите, изјави наќе чулев.
„Колку повеќе ДУИ се прави проевропска партија, толку повеќе се покажува дека е за криминал и корупција“, велат од БЕСА. Бараат Незири да биде исклучен од партијата наместо заштитен како и двајцата директори на М-НАВ.
-ДУИ го штити Беким Назири, кој зема 3 илјади евра плата, иако, според медиумите, 7 години не оди на работа. Ги штити и директорите Хасим Деари и Фахрудин Хамид, кои земаат 3 односно 4 илјади евра месечно. Откако насилството на партиските војници можеше да ја стави земјата во целосна изолација, ја повикуваме ДУИ итно да го исклучи Незири од било која партиска функција и да побара разрешување на директорите, рече лулзиме амети од беса.
Демократскиот сојуз побара да не се чека разрешување, туку – двајцата директори веднаш да бидат суспендирани и да се именуваат експерти кои ќе раководат со оваа организација.
И ДУИ вчера го осуди насилството, но и „тенденцијата за постојано мешање на партиите во секоја приватна секојдневна работа“, нарекувајќи го инцидентот „резултат на нарушени и заладени односи меѓу колеги во работната средина“. Бараат расветлување на случајот.
Уште пред два дена, Владата најави дека на првата наредна седница, во вторник, ќе бидат разрешени директорите и Управниот одбор во Македонската навигација и ќе се отвори итна постапка за избор на ново раководство.
Премиерот Ковачевски повика на целосна ревизија на М-НАВ, а веднаш по празникот финансиската полиција ќе го испитува финансиското работење, вработувањата и јавните набавки.
Соња Николовска