Со централна и меѓународна потреница се бара поранешниот заменик директор на дирекцијата на УЈП во Скопје, Исмет Гури. Полицијата не го нашла во неговиот дом, каде тој беше во домашен притвор и оттогаш е недостапен за органите на прогонот, потврдија за Телма од Кривичниот суд. Гури во јули минатата година беше уапсен заедно со 15 лица, меѓу кои бизнисмени и инспектори од УЈП, под сомнение за злосторничко здружување, даночно затајување, перење пари и кражба на 840 илјади евра од управата.
Тој најпрвин беше во притвор во Шутка од јули, минатата година, но поради здравствени проблеми му беше одреден домашен притвор.
Откако обвинителството се пожалило на ваквата одлука Кривичниот совет при скопскиот Кривичен суд повторно донел решение за затворски притвор на Гури. Не се знае од кога осомничениот всушност не бил дома. Полицијата тоа го сфатила во моментот кога отишла на неговата адреса за да го спроведе во Шутка.
„МВР го извести Судот дека во моментот кога го побарале на адрсата на која бил пријавен за издржување на домашен притвор не е пронајден, по што Судот издаде наредба за распишување на централна и меѓународна потреница“, велат од Основниот кривичен суд Скопје.
Од МВР за Телма соопштија дека се преземаат мерки и активности за пронаоѓање на лицето. Меѓународната потерница за Гури се уште не е објавена на сајтот на МВР во делот на потраги и исчезнати лица.
Според обвинителството, Гури, како и другите осомничени изготвувале фиктивна документација, се пребивал даночен долг и се склучувани договори со даночни должници преку кои за возврат добивале гориво, луксузни возила и станови, кои подоцна ги препродавале на трети лица.
За да го прикријат потеклото на паричните средства, пуштиле во оптек околу 400 илјади евра. Гури се сомничи и дека, откако ќе ги добиел парите од кривичното дело, дел пуштал во промет во име на неговиот син, при што бил купен деловен простор со површина од 102 м2, вреден околу 150.000 евра. Средства во повеќе наврати биле префрлани и како позајмица на фирмата на синот на Гури.
За случајот „Титаник 3“ за уништување изборен материјал, Гури и Ејуп Алими, по повтореното судење минатата година добија затворски казни од по три години и шест месеци, кои сенеправосилни.
Гури беше истакнат активист на ДУИ, а по одделувањето на Изет Меџити од партијата се придружи на Демократско движење.
Марија Митевска