Првин да сработи нешто, а потоа да се ангажира политички, ѝ порачаа од ВМРО-ДПМНЕ на скопската градоначалничка, која синоќа во телевизиска емисија ги потврди повеќемесечните шпекулации дека ќе формира партија.
Не одговорија конкретно дали Арсовска, која ги доби локалните избори со нивна помош, а потоа влезе во политички конфронтации со нив, сега ќе се обиде преку партија на свое конто да собере дел од нивното гласачко тело. Од оваа партија и минатата недела ја обвинија Арсовска за коалиција со СДСМ, ДУИ и Левица, со чии гласови беше изгласан буџетот на Градот.
Арсовска потврди дека веќе се собираат потписи од граѓани, но не одговори директно дали може да се очекува нејзино учество на претстојните избори. Не откри ниту дали имиња кои претходно биле дел од политичката сцена би биле членови на партијата.
Беше блиска со „огнената група“ која произлезе од ДУИ, но неодамна Изет Меџити изјави дека таа соработка веќе е прекината, откако групата ја напушти Блерим Беџети, кој бил линкот со градоначалничката. Немаат намера да соработуваат со неа ниту на изборите.
Медиумите веќе шпекулираа дека партијата на Арсовска ќе се вика „Правда“ и ќе биде со седиште во Ѓорче Петров.
Далиборка Демјанска Цветановска