Вести Македонија

99 жени од три континенти најдени во три различни угостителски објекти како танчарки

Во акција на полицијата на три локации низ државата најдени се 99 жени кои биле користени најверојатно за забава и танцување иако ниту сопствениците на локалите немале соодветни дозволи за такви активности ниту жените имале работен престој.

Девојките во Македонија пристигнале од 10 различни држави на три различни континенти, а имало и девојки кои се од Колумбија, Аргентина и Казахстан. Полицијата наведува дека против сопствениците на објектите каде девојките работеле ќе поднесе соодветни пријави.

Полицијата најави и дека за жените кои не престојувале во државата со соодветни работни дозволи и пријави ќе отпочне прекршочна постапка, која речиси по правило завршува со протерување на девојките од кои е можно некои да биле и жртви на трговија со луѓе.

Целосното соопштение на МВР за акцијата:

На 04/05.01.2024 Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Сектор за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, по добиени наредби за претрес од Основен кривичен суд, Скопје, извршени се претреси во три угостителски објекти, од кои два на подрачјето на СВР Тетово и еден на подрачјето на Охрид. При спроведените полициски и истражни дејствија во трите угостителски објекти биле  затекнати вкупно 99 женски лица со потекло од Украина, Русија, Белорусија, Албанија, Косово, Колумбија, Србија, Аргентина, Бугарија, Казахстан и Р.Северна Македонија, кои престојувале спротивно на целта, а пронајдена е една ќеса со прашкаста материја и еден пиштол „Гамо“ калибар 4,5 мм. Во угостителскиот објект сопственост на И.И.(26), биле затекнати 50 девојки од Украина, Русија, Белорусија, Албанија и Косово, како и ќеса со дрога. Во угостителскиот објект, сопственост на А.Џ.(26), беа затекнати 36 девојки од Украина, Русија, Белорусија, Албанија, Колумбија, Србија, Аргентина, Бугарија и Северна Македонија, а пронајден е и пиштол. При претресот извршен во угостителскиот објект во Охрид, сопственост на Х.А.(34), биле затекнати 13 девојки од Украина, Русија, Белорусија, Казахстан и Северна Македонија. Во однос на затекнатите женски лица кои престојувале спротивно на целта ќе се отпочне со прекршочна постапка пред надлежен суд, а против сопствениците ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Дејан Дејан

Нетанјаху замина да разговара со Трамп за прекин на огнот во Газа

Дејан Дејан

Полска воведува гранични контроли со Германија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе