Избор на над 40 судии судии и 10-на претседатели судови, паричната казна за судијата Енвер Беџети за чување на предметот „Таргет-Тврдина“, делегирање на судии во други судови, ова се само дел од одлуките кои Судскиот совет под палката на Сашко Георгиев ги донесе изминатите 8 месеци.
Откако Управен го поништи разрешувањето на Дамева како незаконско се отвори и дилемата дали одлуките потпишани од Георгиев ќе бидат оспорени како незаконити. Доколку незадоволни судии, кои не биле избрани, поднесат тужба пред Управен поради овие одлуки ќе треба да го поминат тестот на судот.
Дамева вчера рече дека не очекува да има дилеми за ова прашање бидејќи одлуките ги носеле како колективно тело, но остави можност ова прашање да се разгледува а Георгиев тврдеше дека со одлуката на управен е поништено само разрешувањето на Дамева а не и неговиот избор.
Одлуката на Управен според невладините е само потврда на забелешките што ги имаа за работата на Судскиот совет, но велат ова не е доволно туку очекуваат оставки.
Во последното обраќање пред советот како претседател, Сашко Георгиев тврдеше дека работел без влијанија и притисоци, совесно и одговорно и во амосфера на многу критики, но не ја коментираше одлуката на Управниот суд, според која незаконски гласале за разрешување на Дамева.
А токму од гласањето за нејзино разрешување иницирано од заменикот Селм Адеми почна бурата во Судскиот совет. Уште тогаш Дамева обвини дека лица од политиката ќе бидат задоволни од нејзиното разрешување, кое го поврза со постапка за одговорност на судија.
Од тогаш очите на домашната, но и меѓународната јавност се свртени кон ова тело кое доби амбасадорски епитет нелегитимно. Но, превирањата не сопреа.
Војна им отвори министерот за правда. Тој доби покана да дојде на седница и да ги каже критиките таму. За разлика од него претседателката на Врховен Беса Адеми доби постапка разрешување чиј исход ќе се знае годинава.
Елена Ивановска Мукоска