Дали Дрин Ахмети ќе одговара кривично или прекршочно за пиротехничките средства кои беа пронајдени во возило кое тој го управувал, одлучува обвинителството. Останува отворено прашањето и ако легално ги набавил пиротехничките средства, како што самиот тврди, од каде се купени и како се пренесени во земјава. Продажбата на пиротехнички средства во земјава е забранета.
Возилото „Ренџ Ровер“ со албански регистарски таблици, во чиј гепек во саботата беа пронајдени 749 петарди и огномети, според сознанијата на Телма било изнајмено. Дрин Ахмети три часа беше задржан во полициската станица во Беко каде одговарал на прашањата на инспекторите.
Дваесет и петгодишниот внук на лидерот на ДУИ, Али Ахмети засега куртули од парична казна од 200 до 500 евра, бидејќи Министерството за внатрешни работи (МВР) случајот го испрати на адресата на обвинителството. Обвинителството нареди вештачење на пиротехничките средства со кои тој падна во раце на тигрите и сега се утврдува дали е направено кривично дело.
Запрашан дали случајот има политички позадина премиерот Ковачевски одговори дека се постапило како и за секој друг граѓанин.
„Мојот став е така како што е и од институциите дека се работи за регуларна проверка во која што било идентификувано лице кое што пренесувало пиротехнички средства и целиот случај е предаден потоа на обвинителството, како и за секој друг граѓанин“, рече премиерот Ковачевски.
Дали ќе се соочи со кривична одговорност и евентуално казна затвор на потег се обвинителите. Адвокатите кои ги консултираше Телма велат дека обвинителството може да донесе одлука дека не е направено кривично дело, но може да има прекршочна постапка, односно случајот да го врати во МВР, кое тогаш ќе треба да му изрече парична казна на Дрин Ахмети.
Внукот на Ахмети се соочува и со предмет во обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Во јули до нив допрел глас дека е сомнително како Дрин Ахмети од зделката за преземање „Соравија“ ќе добие 39 отсто од деловниот центар, без да уплати ниту едно евро.
Се постапува по предметот, велат од ова обвинителство за Телма и засега нема ништо ново.
Тој е управител на фирмата „Соравија инвест” која го поседува 30-тина милиони евра вредниот „Соравија“ деловен центар, сместен до ГТЦ во Скопје. Во меѓувреме, Дрин Ахмети на 1 септември оваа година е избран за управител на „Соравија“ заедно со еден бугарски државјанин. Промената е впишана во централниот регистар на 13 септември. На ЛинкдИн мрежата, Ахмети се претставува како 25-годишен успешен бизнисмен со стекнато високо додипломско и постипломско образование во Скопје, Италија и Калифорнија, САД.
Марија Митевска