Вести Македонија

Стапија на сила мерките за заштита од загадувањето во Скопје

Денеска во Скопје стапија на сила мерките за заштита од загадување на воздухот. Оваа одлука следи откако два дена по ред на мерните станици во Лисиче и Ректорат е измерено над 150 микрограми на метар кубен ПМ10 честички, со што е надминат прагот на алармирање. Од Министерството за животна средина објавија дека стапуваат на сила следните мерки и препораки:

„Се препорачува работодавците да ги ослободат од работна бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.

Се препорачува и реорганизирање на работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11.00 до 17.00 часот“.

Животна средина со препораки до спортистите. Во овој период на енормно загадување им сугерира да не организираат натпревари. Истото важи и за културните манифестации на отворено.

Министерството налага и обезбедување услови за зголемен ангажман на службите за итна помош.

Според мерките, Владата треба да ги задолжи сите органи на државната управа да ја намалат до 50% употребата на службени возила и да го ограничат работење на градежни објекти.

Министерот за здравство Фатмир Меџити кажа дека Министерството засега повикува на превентивни мерки, но од наредната недела ќе почнат со ригорозни мерки.

„Ќе има навистина ригорозни мерки за загадувачите. И мораме да се стремиме веќе во зелената еколошка карта да има место и за Македонија“, изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.

Од Град Скопје велат дека исчистиле голем број депонии и редовно ги откриваат загадувачите, но за темелно решавање на проблемот треба да се вклучат и други институции.

Иако на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска предизборно ветување и беше бесплатен јавен превоз за сите граѓани, дури ниту во деновите кога е најзагаден воздухот не го исполнува ветеното, реагираат граѓаните. Бесплатниот јавен превоз во најзагдените денови беше пракса во  изминатите години во период на голема аерозагаденост во Скопје.

Тамара Марковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гала концерт „Од MOБ за Скопје“ на плоштадот „Мајка Тереза“

Дејан Дејан

Родителите на жртвите од „Пулс“ во понеделник ќе чекаат одговори од надлежните за нивните барања

Дејан Дејан

Семејствата на жртвите од „Пулс“ не веруваат на институциите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе