Медиумските работници да бидат ослободени од плаќање на придонесите за плата, со исклучок на МРТ и МИА, бидејќи добиваат пари од државниот буџет, е предлог-амандамнот на буџетот за 2024 година што планира да го поднесе ВМРО-ДПМНЕ, најави лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.
Според Мицкоски, станува збор за зафаќање од околу 28 отсто од бруто-платата, со оглед на тоа што би останало да се плаќа само персоналниот данок.
„Станува збор за вработените во сите медиуми, како телевизија, печатени медиуми и радија, но и за вработените во интернет-порталите. Исто така, предлогот се однесува за сите вработени, а не само за новинарите. Нема да има никаква поделба на медиумите и без разлика дали некои се сметаат за критички настроени или провладини, ова ќе се однесува за сите“,
вели Мицкоски.
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на годишно ниво станува збор за вкупна сума од околу десет милиони евра.
Доколку овoj предлог не биде прифатен од Владата и мнозинството, ако ВМРО-ДПМНЕ ја формира идната влада, што според Мицкоски е многу веројатно, при првиот ребаланс во јули ќе се предвиди ослободување на медиумските работници од овие давачки.