Воздухот во главниот град е толку загаден што дури не се ни гледа каде точно одиме. Во 13 часот во Центар измерени се 109,51 микрограми на метар кубен. Граѓаните велат дека загадениот воздух влијае штетно врз нивното здравје зошто веќе ги чуствуваат последиците и сметаат дека надлежните треба да донесат мерки. Дел од нив за да се заштитат излегуваат само кога е неопходно и тоа во часовите кога е најмалку загадено, но сепак и тогаш носат маски.
„Загадувањето влијае лошо врз моето здравје, преку дишните патишта, на очите и се друго. Треба многу поголеми мерки да се преземат, но не само напишани туку треба и практично да се преземаат“, вели една граѓанка.
„За да се применат мерки луѓево треба да не грејат на дрва и да не возат толку многу автомобили. Овде не е предвидено во ваква котлина да има толку голем град. Нема движење на воздух“, додава друг граѓанин.
Аерозагадувањето денеска стана и причина за политичко препукување. Од СДСМ обвинуваат дека додека граѓаните дишат загаден воздух, градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ не преземаат ништо.
„Додека граѓаните дишат отровен воздух, полн со ПМ10 честички, градоначалниците на ДПМНЕ не преземаат ништо. Нема мерки ни за намалување на тековното загадување, а камо ли долгорочни решенија за справување со загадувањето во Скопје. Градоначалниците на ДПМНЕ ги интересираат тендери, провизии, скапи часовници, а граѓаните им се на последно место“, соопштија од сдсм.
Од опозицијата им возвратија дека проблемот со загадениот воздух СДСМ не успеа да го реши седум години додека се на власт.
„Дали СДС гледа некаква физичка граница за воздухот помеѓу општини кои се СДС и ВМРО-ДПМНЕ и граници помеѓу каде оди загадениот и чистиот воздух ни е непознато, но ваква глупост одамна не била изнесена во јавност. СДС е партија која е власт 7 години и со прст не мрдна. Тие не треба да ја градат својата среќа над несреќата на другите. Наместо политиканство нека ги остават тастатурите и нека поработат за народот конечно“, соопштија од вмро-дпмне.
Денеска највисоки концентрации на ПМ-10 честички во воздухот измерени се во 8 часот во Прилеп и тоа 131,3 микрограми на метар кубен, а на второ место доаѓа главниот град. Во Струмица и Кичево остануваат на сила препораките и мерките против аерозагадувањето.
Тамара Марковска