Одлуката на Уставен суд, од следниот месец во финансии и во дел од органите под ова министерство повеќе да не го добиваат надополнувањето на плата од 30 отсто, предизвика револт кај овие вработени. Веќе се разговара и за прекин на работата, ако не се најде решение.
Ова за Телма го потврди првиот човек на УПОЗ Деановски. Од синдикатот веќе испратиле и допис до министерот Бесими со кој бараат да се потпише колективен договор и за овие вработени како што се случи во УЈП и Царина, кои со помош на тој договор од ваквата одлука на Уставен тие ќе се спасат.
Испративме барање до финансии за да потпишеме колективни договори затоа што само тоа е лекот за овој проблем според нас. Ако не се потпишат постои опасност во време кога буџетот за 2024 се носи во Собрание, да се прекине работниот процес од страна на вработените во органите на финансии и во самото министерство и да има проблем во спроведувањето на буџетот за догодина, изјави деановски.
Деановски вели дека во моментов најголем проблем е ако судот одлучи да ја поништи одредбата со која вработените во финансии земале додаток од 30 проценти. Со тоа треба да ги враќаат парите, за што многумина ќе треба да се задолжат затоа што имаат плати нешто над 20 илајади денари.
Има толку иницијативи кои сме ги пуштиле со времени мерки кои Уставен не ги покренува, а кога се работи за вработени тогаш се носат без проблем, а кога треба да се носат за судите и за функционери тогаш не е проблем да си земаат во Уставниот суд плати по деловник кој е вон закон и вон колективен договор, а ако е за вработени може да се прави се и сешто како ова што сега го гледаме, рече деановски.
И додека се чека дали овие работници ќе треба да ги враќаат парите, сѐ уште е неизвесно што ќе се случува со функционерките плати, дали до крајот на годинава ќе се најде начин тие да се намалат.
Со толкување на Законот за буџети на почетокот на годинава, вработените во финансии и дел од органите на министерството добија 30 отсто додаток на плата.
Тоа ги извади на улица оние од Царина и УЈП кои исто се дел од финансии. Излегоа на протест и тие да го бараат зголемувањето од 30 отсто, кое Бесими не го прифати. Проблемот се надминаа со колективни договори, кои сега ќе им помогнат да ја заобиколат одлуката на Уставен.
Ирена Чачкова