Францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер вечерва на одбележувањето на 30 години од дипломатските односи меѓу Франција и Северна Македонија порача дека патот по кој треба да се чекори е оној кон Европската Унија.
– Патот по кој треба да се чекори е тој кон оваа Унија, каде што Ве чекаме, каде што се надеваме на Вас, каде што Ве посакуваме, рече Бомгартнер на македонски јазик.
Францускиот предлог, како што рече, не е совршен, но е најдобриот можен.
– Собрани сме во Музејот на Современата уметност во Скопје, токму овде пред 55 години Жак Шабан-Делмас, тогашниот француски премиер, ги виде делата што за кратко време ќе видиме дел од нив. Во рамки на големото движење за солидарност 1963 година беше донирана француска колекција. Околу половина век претходно нашите народи се бореа рамо до рамо на македонскиот фронт, нашите француски гробишта во Битола, во Скопје и на други места се уште го чуваат споменот од тоа време. Секој 11 ноември им оддаваме почит на овие француски борци, а преку нив и на сите жртви. Затоа и пред Македонија денешна Северна да стекне независност ние веќе имавме заедничка историја обележана со братство и солидарност во заедничките искушенија. Од тогаш Франција секогаш била присутна во големите моменти од современата македонска историја. Во времето на осамостојувањето работата и мислењето на Бадинтеровата комисија за време на Охридскиот рамковен договор преку улогата на официјалните претставници и повторно преку мисијата на Роберт Бадинтер преку ревизијата на Уставот што следеше. Пред нешто повеќе од една година со тој т.н. Француски предлог, како и секој компромис како и самиот живот овој предлог е не е совршен, но тој е најдобриот можен. Оној кој е на маса и кој почитувајќи го македонскиот идентитет повторно ги отвора европските перспективи на земјата, рече меѓудругото францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер.
Во текот на сите овие изминати 30 години, Франција беше наш придружник и во добро и во лошо. На тој пат, имаше подеми и падови, имаше егзалтации и разочарувања. Меѓутоа, нашата определба за полноправна интеграција во Европската Унија, наспроти сите тешкотии и предизвици беше и е – константа, рече вечерва претседателот Стево Пендаровски на одбележувањето на 30-годишнината од дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Франција.
– Очекуваме Франција, како земја која има толку многу вложено во изградбата на заедничкиот европски дом, но и во македонскиот дел од заедничката визија за обединета Европа, да продолжи, како и досега, да нѐ поддржува на тоа долго патување, истакна претседателот.
Според Пендаровски, „актуелниот геополитички момент, создаден со руската агресија врз Украина, но и со геополитичките поместувања на глобален план кои се во тек, кои на Европа едноставно и го наметнуваат императивот за целосно обединување, е можност за удвојување на напорите и за уште поголема посветеност во остварување на заедничката цел“.
– Пријателството меѓу државите и народите, како и меѓу поединците е доблест која треба постојано да се негува за да опстои. Да останеме посветени на одржување на блиските односи и соработката меѓу Северна Македонија и Француската Република. И овој наш собир вечерва, на крајот на една тешка година во Европа, покажува дека знаеме да ги цениме вистинските вредности. Тие се и најдобриот влог за надминување на проблемите и за заеднички прогрес во годините пред нас, порача Пендаровски.
Додаде дека со цивилизираниот начин на кој ја оствари својата независност по мирен пат, Северна Македонија потврдила дека е достојна меѓу наследниците – чувари на европските вредности, во чија основа е француската визија за слобода, еднаквост и братство.
– Повеќе истакнати француски интелектуалци и политичари, од Робер Бадентер до Жак Ширак, независно од нивната идеолошка позиционираниот, знаеја да ја препознаат таа европска димензија што во самата своја суштина ја содржи новата држава на Балканот, посочи Пендаровски.