Далас загуби од Оклахома на домашен паркет со 120-126, но овој натпревар ќе остане запишан во историјата на НБА-лигата. Маверикс имаа голема негатива, но направија неверојатна серија од 30-0 во последниот период. Претходниот рекорд во лигата беше 29-0 на Кливленд против Милвоки во 2009 година. Далас дури дојде и до водство од 120-118 во финишот, но Тандер ги постигна последните осум поени на натпреварот за победа.
Лука Дончиќ се врати на паркетот по еден натпревар пауза поради раѓањето на неговото дете и запиша трипл-дабл со 36 поени, 18 скока и 15 асистенции. Џејлен Вилијамс со 23 поени беше најефикасен кај Тандер.
Никола Јокиќ имаше трипл-дабл со 36 поени, 13 скока и 14 асистенции, но Денвер загуби во Сакраменто со 123-117. Лос Анџелес Лејкерс славеа со 107-97 против Хјустон благодарение на 27-те поени на Ентони Дејвис надополнети со 14 скока. Трипл-дабл имаше и Јанис Адетокумпо во победата на Милвоки против Атланта со 132-121, додека Лос Анџелес Клиперс со минимални 113-112 беа подобри од Голден Стејт.