Миграциите, корона вирусот, хибридните закани, војната на европско тло – се само дел од предизвиците со кои не е можно да се справува секоја земја одделно. Решението е во заеднички европски пристап и во интегрирање на цела Европа, констатираа на Регионалната безбедносна конференција.
„За нас е многу важно колку ние ќе се посветиме на евроинтеграциите, но важно е и колку ЕУ ќе се посвети на нивната реализација“, рече министерот Оливер Спасовски. Непосветеноста на ЕУ овозможува „да оживеат политички идеи“ кои `не враќаат во минатото а не ја таргетираат иднината.
-Непосветеноста на ЕУ за овој регион во доволна мера, придонесе да се зголеми руското влијание и интензивно да ги придобиваат одредени политички структури кои не мислат на иднината на глобално ниво туку на нивните интереси. Нема безбедност и напредок на Европа доколку нема консолидација, а ќе нема консолидација доколку сите држави од Западен Балкан час поскоро не станат дел од ЕУ, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
За посилна Европа, професорот Никола Дујовски побара целосно интегрирање на земјите од регионот и затварање на отворените прашања. Укажа на застојот во интегрирањето на Србија и односите со Косово кои ќе бидат и безбедносен предизвик, европската иднина на Босна и Херцеговина и преговорите со Македонија и Албанија.
-Почетокот на преговорите со С.Македонија и со Албанија ќе даде сериозен безбедносен инпут и за безбедноста на Европа затоа што сите се соочуваме со заеднички предизвици: миграции, мигрантска криза, новите текови, руската агресија врз Украина итн. Во такви услови, најдобро е регионот што побргу да се интегрира во ЕУ. Интеграцијата во НАТО е добар исчекор напред, но не е доволно, смета универзитетскиот професор Никола Дујовски.
Има многу европските проблеми што мора да се решаваат заедно, се согласи финскиот пратеник Кимо Кијунен, голем поддржувач на Македонија и на проширувањето.
-Да се придружите на ЕУ е многу поважно прашање за безбедноста, за нашето национално постоење отколку членството во НАТО. Се плашам дека сме мала земја и дека сме пион во игрите. Но да се биде дел од заедничката законодавна структура, заедничкиот пазар, заедничката надворешна политика на ЕУ, е клуч за нашето постоење, рече пратеникот во Парламентот на Финска, Кимо Кијунен.
На Регионалната конференција посветена на Европската безбедност и искористувањето на новиот моментум за проширување, беше констатирано дека на Европа `и е потребна нова и долгорочна безбедносна стратегија, што неминовно ги вклучува земјите од Западен Балкан.
Соња Николовска