Скопје денеска има чист воздух. Мерните станици на министерството за животна средина покажуваат ниско или многу ниско загадување на воздухот. Снегот и ветрот ги издуваа отровните честички низ урбаните средини, но во средата Скопје бил седмиот град со најзагаден воздух во светот. Ресорната министерка смета дека неколку години се инвестира за намалување на аерозагадувањето, а за четирите најголеми градови во земјава најави и нов проект со европски пари.
Истражувањата на терен покажуваат дека, сепак, најголемото загадување на воздухот и тоа со 45 отсто го прават домаќинствата кои се греаат на дрва. Ректорот на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“, Дејан Мираковски, кој работеше на овие анализи вели дека ова е годишниот просечен процент, а во текот на зимата во одредени урбани средини, каде што и домаќинствата и институциите се греат на дрва процентот е и над 70. Министерството за животна средина денеска објави дека почнуваат и со дигитална кампања за подобрување на квалитетот на воздухот „Топли препораки“.
Годинава има два големи проекти за аерозагадувањето, едниот е со европски пари за Скопје, Куманово, Тетово и Битола, вториот е со пари од Шведска и УНДП, а се опфатени Куманово, Струмица, Гостивар, Струга и Кавадарци. Граѓанските активисти од „О2 Иницијатива“ пак реагираа дека власта ќе ги скрати средствата за заштита од загадувањето за наредната година. Објавија и фрапантни бројки на прерано починати поради аерозагадувањето.
„Пет илјади и 600 наши сограѓани прерано си заминале поради загадениот воздух во 2021 година, најмногу поради високите вредности на PM2.5. Во 2020 година од корона починаа 2.503 лица“, објавија од „О2 иницијатива“.
Од О2 иницијатива бараат ставање на сите ресурси на државата во решавање на проблемот со аерозагадувањето.
Викторија Јованова