Совет на јавни обвинители – Вилма Русковска 10:0 за разрешување од обвинителската функција. Ниту еден глас на страна на обвинителката, која со месеци ја чекаше одлуката и беше суспендирана. Но, што толку се огрешила Руковска во постапувањето, советот не сакаше да соопшти детели. Прво таа да ја добие одлуката, а потоа ќе следи објава.
Ова доаѓа откако, претходно, дисциплинската комисија на Обвинителство одлучи да бара разрешување на Вилма Русковска од нејзината обвинителска функција по предлог од Државниот обвинител Љубомир Јовески, кој сметаше дека бил прекршен законот при упадот и претресот во Финансиската полиција и кај тогашниот директор Арафат Муареми минатото лето.
Од обвинителското трио, Русковска, Трајчева, Јосифовска, за Јосифовска дисциплинската комисија се повлече од постапување. Советот денеска одлучи да ја прифати казната и за обвинителката Ивана Трајчева, односно да и бидат скратени по 30 отсто од плата во наредните шест месеци. Русковска, пак, не е изненадена од одлуката на советот. Ја очекувала и нема да жали, туку ќе ја активира старосната пензија на која има право.
Русковска, како шефица на ГОКК, Трајчева и Јосифовска покренаа истрага во финансиската полиција под сомнеж за затајување предмети и чување истраги во фиока. И Русковска која беше суспендирана и тогашниот директор на управата Муареми кој по случајот си даде отказ обвинија за политичко влијание. Но, ниту тие, ниту советот не посочи ниту, пак се дозна во јавноста кој кому и зошто политички му се реваншира.
Павле Беловски