Софија Медарска, сопруга на адвокатот на екс премиерот, Зоран Заев, Филип Медарски, кој му беше адвокат и во случајот „Поткуп“ Накил Фетаи, брат на обвинителката Фатиме Фетаи, како и Оливер Лукароски, советник на министерот Оливер Спасовски и помошник-директор во МВР, се меѓу 42-цата кандидати за членови на Антикорупциската комисија. Против Лукароски е покрената кривична пријава од опозицијата за случајот со вибер групата во Прилеп, преку која наводно, полицајци се договарале да малтретираат гласачи.
Меѓу кандидатите познати на јавноста е и актуелниот член на ДИК и екс-пратеник од СДСМ, Борис Кондарко,адвокатката Сузана Кошевска-Анастасовска, судијката во Кривичен суд, Славица Андреевска, новинарот Даут Даути. Потоа пензионираниот обвинител, Бодан Лазаревски, како и судијката Татјана Михајлова која беше меѓу првите судијки разрешени од Судскиот совет за нестручно работење и злоупотреба на АКМИС системот. На списокот е и разрешената судијка Маја Малахова, која била претседател на Државна комисија за жалби по јавни набавки.
Никој од кандидатите кои денеска беа интервјуирани нема забелешки на досегашната работа на комисијата, но имаа за непроцесуирањето на нивните предмети и заглавувањето по судовите.
Сите кандидати се изјаснија дека им е предизвик да ги напуштат досегашните работни места и да се фатат во костец со корупцијата.
Новата комисија треба да почне да функционира на 8 февруари.
Мандатот на актуелните членови на Комисијата истекува на 7 февруари следната година и тие немаат право на повторен избор.
Далиборка Демјанска Цветановска