Уште на почеток на војната на Блискиот исток знаевме дека Американците ги поддржуваат Израелците за да можат да ги остврата своите воени цели во судирот со Хамас и покрај притисоците на дел од меѓународната заедница за прекин на жестоките израелски напади во кои што гинеа илјадници цивили, истакна Мирче Адамчевски, надворешно-политички коментатор, во вечерашната „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Меѓутоа, претпоставувам дека САД им остави временски простор на Израелците да остварат некаква определена предност, да уништат дел од силите на Хамас. Но, внатрешниот притисок во Америка го покажа своето. Сè повеќе и повеќе таму и меѓу републиканците и меѓу демократите се јавуваше отпор кон официјалната политика на Вашингтон. И граѓанскиот отпор е силен, за да се преземе нешто. Сојузниците во Европа, како Германија и Велика Британија, гласаа против некои одлуки на Америка. Капак на сето тоа е падот на довербата на американското население кон Бајден, што го покажуваат и анкетите“, смета Адамчевски.
Тој потсети и на повиците од, како што рече, неколку стотици дипломати, но и вработени во Стејт департментот, до претседателот Џо Бајден за менување на политиката, затоа што со апсолутната поддршка на Израел, САД губат големо влијание во арапскиот свет.
„Не само во тој дел на Блискиот исток, туку и во целиот свет. Тоа има и најголем придонес. Американците ги притиснаа Израелците да ја дадат оваа четиридневна хуманитарна пауза со прекин на огнот. Да не се развиваше така ситуацијата, тие ќе им дозволеа на Израелците да одат до крај во остварувањето на нивната цел да го уништат Хамас“, истакна Адамчевски.