Педесет болничари, хигиеничари и технички персонал кои се ангажирани на договор на дело денеска на состанокот со директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев побараа решавање на нивниот статус со вработување на неопределено работно работа, како и зголемување на надоместокот што го земаат. Поголем дел од овој персонал во болницата работат од три до четири години, а решение за нив се уште нема.
Во моментов во болницата на неопределено се вработени само пет хигиеничари, останатите кои се ангажирани во овој регионален болнички центар, кој опслужува над 200.000 потенцијални пациенти работат на договор на дело. Директорот на болницата Ѓеорѓијев се надева дека министерството за финансии ќе им даде позитивен одговор на нивното барање за вработување на околу 30 лица, од кои поголем дел се технички персонал.
Сериозен е недостатокот од медицински и технички персонал во болницата, во која се лекуваат пациенти од два региони. На почетокот на годината имаше недостаток од над 100 лекари, медицински и технички персонал. Досега се реализираше само еден оглас за вработување, а на вториот се чека од ресорните министерства.
Викторија Јованова