Македонскиот олимписки комитет (МОК), како дел од Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), во повеќе наврати е информиран дека мора да се изврши усогласување на законските одредби што ги имаме во домашното законодавство и да го усогласиме со статутот на ИОК, истакна Даниел Димевски, претседател на МОК, во вечерашната дебата во „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Процедурата оди така што прво ви укажуваат, па потоа ве потсетуваат, па уште еднаш ве потсетуваат и потоа преминуваат на потврди мерки. Ако знаеме дека првата забелешка била во 2014 година, па нè потсетиле во 2016 година, па работата станала посериозна во 2019 година, кога има два сериозни настана. Последниот за среќа резултираше со потпишување на Меморандум за надминување на тие состојби, каде што нашата држава, претставувана од Агенцијата за млади и спорт како ресорно тело, доби цврсти насоки што треба да направи и ни дадоа конкретни рокови. Последниот рок беше до февруари во 2020 година до кога мораше да се излезе со услогласен текст за нов Закон за спорт кој првично ќе биде усогласен со МОК, па доусогласен со сите домашни федерации и како предлог ќе се испрати до ИОк на финално одобрување пред да стапи на сила“, истакна Димевски.
Тој нагласи дека од февруари во 2020 година до денеска се поминати три и пол години.
„Ја искористија мојата посета на Лозана, каде што ни доделија еден извонреден настан, а тоа се младинските Европски олимписки игри, меѓутоа нè потсетија на таа обврска што сме ја презеле како држава стои и дека час поскоро мора да ја решиме на меѓусебна корист. Не постои субјект во државата која нема да да каже дека имаме катастрофално лош Закон за спорт кој што секој ден ни произведува проблеми, дека ниту еден спортски субјект не е среќен со решенијата кои што го има и дека час поскоро тој Закон ни треба“, нагласи првиот човек на МОК.
Никој од надвор, како што додаде Димевски, не треба да нè потсетува тоа што нè тангира.
„Ние веројатно се научивме во оваа држава така да функционираме за континуирано некој да треба да нè боцка од страна за завршување на домашната задача која што е важна, пред сè за нас“, рече Димевски.