Деветнаесетгодишна девојка со потекло од Македонија е една од киднапираните цивили заробени од милитантите Хамас. Информацијата ја потврдуваат од Еврејската заедница.
Откако до нив допрела информацијата за Наама Леви тие направиле детален увид во записите и архивите, за да утврдат дали има македонски корени.
„Нејзините предци се родени пред 1919 година, меѓутоа ние најдовме дека таткото на нејзината баба Хаим Бивас бил член на Еврејската заедница и во 1925 година се отселил од Македонија во Приштина. Тоа е доказ дека девојката навистина потекнува од Македонија“ вели Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница.
Еврејската заедница нема многу што да направи во случајов, освен да се проверат архивските записи и да се утврди потеклото на девојката.
Според информациите, Наама Леви е граѓански активист и е дел од мировна организација.
За случајот се немаат огласено од нашето МНР.
„Сакаме да помогнеме со сѐ што е потребно за еден невин човечки живот да биде спасен и младата девојка да биде ослободена од заложништво“ вели Леви.
Досегашните статистики водени од институциите во Израел регистрирале 240 киднапирани Израелци. Само неколкумина од нив се ослободени.
Петар Догов