Македонската престолнина, конечно, ќе добие нов транспортен систем, соопштија од Град Скопје, откако, како што истакнуваат од таму, „се отстранети пречките на проектот предизвикани од претходното градско раководство“.
„Системот за Брз автобуски превоз доби зелено светло од меѓународните партнери, со што започнува неговата реализација во главниот град. Проектот подразбира изградба на два нови терминала на транспортни центри, обезбедување на непречено сообраќање на автобусите, како и набавка на нови еколошки автобуси кои користат ЦНГ“, информираат од Град Скопје.
Како што се додава во соопштението, новите еколошки автобуси и ревидираниот систем значително ќе го намалат сообраќајниот хаос во главниот град и ќе овозможат јавниот превоз да се одвива непречено, а доцнењето да биде минато.