Вести Македонија Топ вести

Цитостатици во торбичка и шверцани без покритие – опозицијата обвинува со документи од свиркачи, ОЈО вели – такви не постојат

Цитостатици изнесувани во торбичка, пренесувани од едно до друго место без покритие, одлеани милиони. Низа обвинувања изнесе претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од партиската говорница.

Со повеќе листови во рацете за кои Мицкоски тврди дека се добиени од свиркачи, тој вели – се губат животи поради криминал и корупција.

Лидерот на опозицијата обвинувањата ги базира на Извештај од ФЗО, за извршена вонредна финансиска контрола на условниот надоместок на Онкологија, кој го опфаќа периодот од 1 август 2021 година, до август 2023.

„Во еден од договорите пишува дека лекот не смее да биде во средина каде што температурата ќе биде помала од два Целзиусови степени и поголема од осум Целзиусови степени. Дали ова е организиран шверц?! Зошто никој не го отвори прашањето – која е цената по која УК за Онкологија ги наплаќа своите услуги од Фондот за здравствено осигурување и која е цената којашто пациентите ја плаќаат за аплицирање на овие лекови во други здравствени установи? Дали станува збор за двојна наплата?“ вели Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Од Обвинителството се огласија со соопштение и велат дека таков извештај кој го опфаќа посочениот период на пресконференцијата воопшто не постои.

Изнесените информации ги оценија како погрешни и дополнија дека во рамки на предистражната постапка ги обезбедиле сите извештаи од вонредните надзори од 2015 година, па сѐ до март годинава.

„Не станува збор за документи од свиркачи, туку за официјални документи од државни органи достапни на истрагата. Нов тримесечен извештај за периодот до јуни 2023 година, согласно информациите добиени од Фондот, е во финална фаза на изработка и веднаш потоа ќе биде доставен до обвинителството. Нагласуваме дека не постои и воопшто не е изготвен извештај што го опфаќа периодот до август 2023 година“ се вели во соопштението на ОЈО.

Во меѓувреме, од владејачката СДСМ, на лидерот на опозицијата му порачаа да не врши упад во истрагата.

„Ако навистина има докази Мицкоски треба да ги поднесе до надлежните институции, а пред сѐ до надлежното Јавно обвинителство. Од каде знае Мицкоски дека овие информации веќе не се дел од истрагата?! Јавно објавување значи директно загрозување на истрагата за Онкологија. Прикривање докази исто така е кривично дело“ вели Ненад Коциќ од СДСМ.

Пред два дена како сведок на Комисијата беше актуелната директорка на Клиниката за Онкологија.

Одговарајќи на прашање таа потврди дека е давана терапија за да се аплицира во приватни болници заради подобри услови, но смета дека таа пракса не е добра.

„Била издавана терапијата да се прими во подобри услови или еве да кажеме во приватна здравствена институција. Ние можеби не можеме наеднаш и во целост да ја исклучиме таа пракса меѓутоа колегите се замолени од моја страна, таквата практика да се редуцира“ кажа д-р Клисаровска, директорка на УК за онкологија, во својот исказ на Анкетната комисија пред два дена.

ВМРО-ДПМНЕ бара да се прошири мандатот на Анкетната комисија за Онкологија и да се опфати и периодот споменат во извештајот, сѐ до август годинава.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Прекинат е инвестицискиот циклус за домашните компании, рече Битиќи (видео)

Дејан Дејан

(видео)Битиќи во Вин-Вин: Пожарникарите треба да земаат по 100.000 денари месечна плата

Дејан Дејан

(видео)Битиќи во Вин-Вин: Пругата кон Бугарија е важна затоа што североисточниот регион е шестпати посиромашен од скопскиот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе