Во Тетово недостасува центар за лица со попреченост, вели Елза Фејзули мајка на 12-годишник со аутизам. Таа објаснува дека ваквите деца бараат постојано внимание и 24-часовна присутност, па кога би имало креативни активности, детето, но и родителите би биле посреќни.
Дополнително исцрпува и финансиски тоа што посетуваат приватни дефектолошки и логопедски часови. Единствен напредок во изминативе години според Фејзули е помошта од образовни асистенти, но потребно е да има и сензорни соби во сите училишта.
-Многу е важно во рамките на училишто детето да има одреден простор каде што може да се релаксира, смири, исто и за наставниот кадар тоа е многу олеснително. Еден квалитетен центар за аутизам би бил прекрасна работа. Мислам дека во секој град треба да го има. Приватните не може секој да си ги дозволи. Едноставно да се запазат правата на овие деца, да не биде се на терет на родителите. Тоа долгорочно исцрпува, доаѓаат моменти кога и родителите нема да можат да се носат со сето тоа, вели Елза Фејзули “.
Специјалниот едукатор и рехабилитатор Мевљудије Алити вели дека се зголемува бројот на деца со социјално нарушување на однесувањето и попречености, а со тоа и потребата од соодветни услови за работа. Со донации од бизнис заедницата во Тетово деновиве се отвори првата сензорна соба во ОУ Братство Миѓени, во кое има вкупно 35 деца со посебни образовни потреби.
-Преку сензорна терапија и преку реквизитите и материјалите со кои е опремен кабинетот за сензорна интеграција ние правиме рехабилитација, еден третман соодветен за нивните способности, изјави Мевљудије Алити, специјален едукатор и рехабилитатор во ОУ Братство Миѓени Тетово.
Тетовскиот градоначалник вели дека ќе се ангажираат вакви сензорни соби да има во сите училишта, а за Центар за деца со попреченост имало проект и локација, но треба да се обезбедат финансиски средства.
-Дневен центар за деца со посебни потреби, кој требаше да се финансира преку швајцарски проект со швајцарски пари, уште работиме да тоа се реализира, ако не успееме со тоа сигурно ќе најдеме друг начин тоа да се реализира, вели Биљал Касами, градоначалник на Тетово.
Инаку, од оваа учебна година не се запишуваа ученици во посебни паралелки, туку секое дете се инклудира во редовниот образовен процес.
Данијела Билбилоска