Вести Македонија Топ вести

И мажи и жени пријавуваат насилство, но државата често потфрлува во одредени случаи

-„Ало, како можеме да ви помогнеме? Ова е СОС-линијата за семејно насилство, повелете.“

Ова се првите зборови кои ги слушаат жртвите на семејно насилство, кога ќе се јават да побараат помош. Линијата е отворена 24/7.

Се јавуваат и жени, но и мажи. Најмалку десет вакви повици во неделата има на двете отворени СОС-линии на Националниот совет за родова рамноправност.

„На СОС-линијата за семејно насилство се јавуваат и жени и мажи кои се жртви на семејно насилство. Неретко се случува да се јавуваат мажите – било да е тоа за себе или за друг. Се јавуваат и пензионери коишто се жртви на економско насилство од страна на сопрузите или децата. Сите можат да се јават на бесплатната линија која функционира 24/7. Бројот е 141-700, Линијата е достапна на македонски, албански, турски или ромски јазик, информира Сумеја Рамадани – Операторката во СОС-линијата за семејно насилство.

Иако сите групи на граѓани се застапени во црните статистики, најбројни се жените-жртви.

Податоците на полицијата покажуваат дека лани имало над 1000 жртви на семејно насилство, за што насилниците се товарат за кривично дело.

Помалку на број се случаите полесни прекршоци. Најбројни во полициските статистики се поплаките.

„Во случај кога е проценето дека постои ризик за сериозна опасност по животот, физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзиното семејство или пак ризик од повторување на насилството, полицискиот службеник од надлежната организациска единица за криминалистички работи веднаш, а најдоцна 12 часа по изготвување на проценката на ризик и полицискиот извештај до надлежниот суд доставува предлог за изрекување итна мерка за заштита – отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот, без согласност на жртвата“ информираат од МВР.

Од МВР велат дека полицијата има клучна улога затоа што жртвите најчесто прво се јавуваат кај нив.

Но, од Хелсиншкиот комитет за човекови права критикуваат – институциите на системот не секогаш успеваат да го препознаат родово базираното насилство иако законската рамка во голем дел е уредена.

„Институциите имаат проблем да препознаат што е тоа родово базирано насилство, како да постапат во случаи на родово базирано насилство и постапувањето да биде со должно внимание согласно и Законот за спречување на насилство врз жени и семејно насилство. Ова не е случај со случаите на семејно насилство каде што во последно време имаме поголемо препознавање и разбирање. Пример е убиството односно фемицидот во Кочани, којшто и Обвинителството не го препозна како фемицид и го класифицираше како убиство на свиреп начин, а не како убиство поради родово базирано насилство“ смета Тона Карева Талеска – Правна советничка во Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Жртвите секогаш најлесно се доверуваат на психолог. Сепак, алармантен е податокот колку тие трпат насилство пред да се охрабрат да пријават.

„Просечно, жртвите се охрабруваат да пријават насилство дури после пет години од трпење на тоа насилство. Тука влијание имаат многу фактори. Меѓутоа, јас би ги охрабрила сите жени коишто ќе го препознаат насилството навреме да реагираат затоа што колку повеќе се одолговлекува процесот, толку повеќе жртвата ја губи својата самодоверба, се јавува страв, таа се повлекува од околината и настанува изолација. Потребно е да се охрабри само на тој прв чекор за понатаму заеднички да најдеме решение и излез од таа ситуација“ вели Ана Тодоровска – Психолог во советувалиштето при Националниот совет за родова рамноправност.

Иако ваквите случаи на насилство најчесто се процесуирани првично во полиција, сепак Центарот за социјални работи е местото каде што се препознава жртвата.

Ефектите од пријавите се гледаат по тоа колку случаите се повторуваат или не.

Дефиницијата на родово базирано е испреплетена, а семејното насилство е најчестата појава.

Најалармантен е податокот што децата секогаш се барем индиректни жртви, кога има насилни односи во рамките на едно семејство.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мапи со горливи точки објави ЦУК – централниот дел на земјава под висок ризик од пожари

Дејан Дејан

Припадник на АРМ убиен во престрелка во Батинци

Дејан Дејан

Уапсен битолчанец кој со нож нападна сограѓанин на пазарот во Битола

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе