Сите очекувавме дека ќе се случи таква борбена активност на Израел, но не знаеме во кои размери, односно како што и самите рекоа „тоа нема да кажеме кога ќе се случи, туку ќе го изведеме“, алудирајќи на најавената копнена офанзива на израелските сили врз Појасот Гаса, изјави Благоја Маркоски, воено-политички аналитичар, во вечерашната Топ тема на Телма ТВ.
„Една така широка борбена активност која би ја презелеле израелските сили, би имала реперкусии и последици и по самиот Израел, а од друга страна се поставува прашањето ќе бидат остварени целите. Особено поради тоа што Газа е специфична средина, со густо населена територија на која тие баш не можат да таргетираат само воени цели, туку ќе има голема колатерална штета по невините и цивилното население“, истакна Маркоски.
Според него, Израел се пресметува што ќе постигне со тоа. Израелците, како што нагласи, можат да победат во оваа војна со Палестина, односно со военото крило на Хамас, но прашање е кој ќе биде резултатот од нивното дејствување.
„Друга работа е како на сето тоа ќе реагира и меѓународниот фактор. Со активностите што ги презеде Хамас и одговорот на Израел, Хамас практично постигна добра цел за себе, а тоа е што ги обедини скоро сите земји од арапскиот свет да го поддржат во неговите активности и да бидат реакција на сето она што Израел во првиот момент го презеде како одговор на нападите на Хамас. Оттука мислам дека оваа не е почеток на израелската офанзива, дека се ревидирани цели и плановите на таа офанзива и дека Израел постепено ќе презема одредени борбени дејства, но ќе води сметка за одговорот како од Хамас, од Хезболах кои се повеќе и повеќе се вклучуваат активно во овие борбени дејства. Па и од поддржувачите кои сега не се директно инсталирани или не пројавуваат директна активност, но Хамас има силна поддршка од нив“, смета Маркоски.
Маркоски истакна дека војната меѓу Израел и Хамас ќе трае многу подолго отколку што се очекуваше и ќе има силни реперкусии по мирот, не само во регионот и пошироко во светот.