Селекторот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров денеска го објави скратениот список за претстојниот пријателски двомеч со Грција во рамки на ЕХФ-неделата.
Лазаров повика 22 имиња на списокот, но одреди и осум резерви. Новајлии на списокот во однос на стандардните играчи се Емилијан Ѓорговски од Еурофарм Пелистер, како и Ненад Костески кој се враќа по подолго време и на десната крилна позиција ќе формира братски тандем со помладиот Никола Костески. Повик во националниот тим доби и пикерот Милан Лазаревски по одличните игри во Вардар сезонава.
Од стандардните носители на играта тука секако се голманите Никола Митревски и Мартин Томовски, потоа Филип Талески, Филип Кузмановски, Жарко Пешевски, бековите на Алкалоид, Марко Митев, Иван Џонов и Игор Ѓоргиев, потоа Томислав Јагуриновски, крилата Цветан Кузманоски и Петар Атанасијевиќ.
Собирот е на 30 октомври во Скопје, а дуелите со Грција се играат на 3 и 4 ноември на гостински терен.
Целосниот список на повиканите ракометари за дуелите со јужниот сосед можете да го погледнете на следниот линк – Spisok-na-seniorska-maska-sobir-30102023.