Жалосно да излезеш во поле. Пусто, штуро… што викаат старите. Трње, патишта затворени, изјави Јордан Котевски, жител на село Доброште
Вака Јордан Котевски, жител на тетовско Доброште, ги опишува земјоделските површини во неговото, но и во соседните села. Тој вели дека е еден од ретките, кој сѐ уште се занимава со земјоделие, а своите прозиводи ги продава на пазарен ден во Тетово. Се соочува со многу проблеми, поради што обработува и помалку ниви од порано, а поради немањето пласман, морал да откорне и голем дел од стеблата со јаболка.
Полошки регион – немам што да кажам, единствено јас водам битка во средина, во цел блок јас 6 декари работам нива не се опстанува. Имам јаболка, компир. Имаме услови, но нема кој да работи, жалосно. А за откуп и да не зборуваме. Јас имав некаде околу 200 дрва јаболко, донеси, врати, ги откорнав. Оставив 20тина дрва тетовска, златен делишес. Нема пласман, изјави Јордан Котевски, жител на село Доброште.
И Ѓурѓа Андреевска, жителка на село Блаце, откако останува без работа поради прогласувањето стечај во фирмата во која работела, продава домашни производи на тетовскиот пазар. Вели дека и луѓето што сакаат да работат земјоделие, не можат зашто не се исплати.
Годинава нема никој да сее, ѓубрето е 2 500 денари вреќа. Се е поскапено. Еве пченица имавме, ништо со пченцата, бадијала. По 9 денари и по 7 денари ја зедоа, бадијала и што да работиме, изјави Ѓурѓа Андреевска, жителка на село Блаце.
Обработливите површини во полошко секоја година се сѐ помалку, а неретко наместо плодови на нив никнуваат различни објекти.
Данијела Билбилоска