(ФОТО илустрација, не е посочената локација)
Околу 500 до 600 тони опасен отпад е откриен на земјиште во селото Орман на територијата на Општина Ѓорче Петров, соопшти Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС). Локацијата се наоѓа на 15-тина километри од центарот на Скопје.
-При редовна обиколка од страна на овластениот инспектор за животна средина при Општина Ѓорче Петров на ден 10.10.2023 година лоцирано е одлагање на згура од преработка на акумулаторски батерии, објавија од ДИЖС.
Од инспекторатот наведуваат дека станува збор за опасен отпад.
-Според затекнатата состојба на теренот, а според Листата на видови на отпад (Сл.Весник на РМ бр.100/2005) се работи за отпад со шифра 10 04 – Отпад од пирометалургија на олово,10 04 01*- троски од примарно и секундарно производство, која според класификацијата спаѓа во класата на опасен отпад, соопштија од ДИЖС.
Нелегалното одлагалиште на отпадот е на две катастарски парцели во селото Орман, а овластен инспектор започнал постапка по службена должност против сопствениците на парцелите на дивиот отпад со опасни материи.
На 18-ти октомври на сопствениците им била издадена наредба да го дислоцираат опасниот отпад на соодветна локација во рок од 30 дена.