Третиот квартал од годинава со полоши резултати кога се работи за безбедноста на водата за пиење во руралните средини во тетовскиот регион. Според испитувањата на Центарот за јавно здравје од 102 мости од селските водоводи – 82% биле бактериолошки неисправни, додека во однос на физичко-хемиските анализи 14% биле неисправни .
Мештаните на повеќето села велат дека водата од чешма ја користат само за готвење додека за пиење купуваат, иако сметки плаќаат.
Секогаш даваме пари кога идат да ја наплатат водата, но велат не е чиста и ние не пиеме вода од чешмата, само за готвење, но да ја пиеме – не ја пиеме, велат жителите.
Доктор Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија, вели дека при направените анализи на водата од селските водоводи, за среќа неисправноста најчесто произлегува од колиформни бактерии. Но, тоа е аларм дека водоводите во селските средини не се одржуваат соодветно.
На што се должи сето ова? Пред се на неодржување на извориштата, на каптажите, чести дефекти во водоводната мрежа, нестручно одржување на водоводите и отсуство на дезинфекција. Напоменувам отсуство на дезинфекција. Тоа е основното нешто што може да не спаси од овој висок број на микробиолошки неисправни резултати, вели д-р ратко давидовски од центарот за јавно здравје тетово.
Инаку водата во водоводот, со кој Тетово се снабдува со вода за пиење е исправна и безбедна.
Данијела Билбилоска