Нашите барања се едноставни. Да ги добиеме тие покажувања на плата, какви што добија функционерите. Тоа е 78 отсто покачување на платите и враќање на додатоците на плата на судската и обвинителската служба, изјави Трпе Деаноски, претседател на синдикатот на УПОЗ, во вечерашната Топ тема на ТВ Телма.
„Ќе видиме што ќе понуди другата страна и дали ќе добиеме понуда што е интересна за нас. Ќе видиме и дали ќе бидат прифатени нашите барања. Ние во самите јавни настапи кажувавме воопшто да не нè викаат, ако нè викаат да разговараме за пет, 10, 15 проценти. Мораме да седнеме да разговараме и да најдеме трајно решение на проблемите кои што ги имаат вработените и во Обвинителството и во судовите“, истакна Деаноски.
По вчерашниот протест, како што рече Деаноски, имаше соопштение на самата Влада и неформални разговори меѓу претставници на владата и УПОЗ и најавено е дека најдоцна наредната недела, работните групи на двете страни ќе седнат и ќе почнат со разговори за барањата.
„Иако процентуално, можеби, изгледаат високи нашите барања, воопшто не се. Ние бараме достоинствени плати за да можеме да го преживееме месецот. Вработените и во едната и во другата институција се оставени на цедило долги години наназад, без разлика дали е тоа од една влада или друга“, потенцира Деаноски.