Кривична пријава против градоначалникот Тони Коњановски и секретарот на Општина Битола, Борче Димитровски, поднесоа советниците од СДСМ до обвинителството, затоа што потпишале анекс на договорот за проектот „Смарт фор ју ту“ за пренамена на парите од европските фондови, но без одлука на општинскиот совет. Веќе со месеци траат кавгите меѓу советничките групи дали парите од европскиот проект да се искористат како што беше првично одобрено за реконструкција на руинираниот објект „Парк“ кој се наоѓа во дворот на сега обновениот Офицерскиот дом, или пак, како што побара локалната власт предводена од ВМРО- ДПМНЕ, за изградба на велосипедски патеки
-Коњановски и Димитровски тргнале да прикажат пред ЕУ дека имаат овластување за пренамена на веќе обезбедените европски пари за реконструкција на објектот Парк за замислени велосипедски патеки. Ова го сториле без претходно да обезбедат одлука од Советот на Општина Битола како што е предвидено во Законот за локална самоуправа, а Коњановски во текот на месец јули оваа година отишол и чекор понатаму и за оваа правна лакрдија склучил во име на Општина Битола Анекс кон Основниот договор, обвини советничката од СДСМ Мирјана Ралевска-Захариевска.
За градоначалникот Коњановски пријавата е неоснована и има за цел да ја манипулира јавноста.
„Додека Општината и општинските служби вложуваат максимални напори да реализираат активности со кои ќе се подобри животот на битолчани и тоа според европски стандарди, за што имаме голема поддршка и од ЕУ, СДСМ неуморно се обидува да ги закочи сите иницијативи дури и по цена на губење на европските пари. Ја сметаме поднесената кривична пријава како деструктивен обид за собирање на евтини политички поени кои сите нас, а особено граѓаните на Битола ќе ги чини многу скапо “ , се наведува во писмената реакција на Коњановски.
На втори октомври, мнозинството во битолскиот Совет, советниците од СДСМ, ДОМ, ДУИ и двајц од независната Поинаку, не ја изгласа олуката, средствата во износ од 400.000 евра наместо за реконструкција на „Парк“ да се пренаменат за реконструкција на тротоарите и воведување на велосипедски патеки на две сообраќајници во градот, „ Васко Карангелевски“ и „Партизанска“.
Емилија Мисирлиевски