Вести Македонија Топ вести

Џолев: Требало да се внимава на тајмингот кога се носеле измените на КЗ, вака застаруваат многу предмети

Триесет и шест судски предмети со 197 обвинети за злоупотреба на службената положба во скопскиот Кривичен суд се засегнати со измените на кривичниот законик. Колку од нив ќе застарат, колку ќе бидат преквалификувани, а колку ќе завршат со поблаги казни, зависи, пред сè, од обвинителството какви чекори ќе преземе. Досега, целосно или делумно застарување има во девет предмети. Застаре прислушувањето во „Таргет Тврдина“, „Продуцент“, предметот за екс членот на судски совет Теофиловски, застаре и злоупотребата во „Моќник“ и уште пет други предмети не толку познати за јавноста.

Овие податоци беа соопштени на денешниот брифинг во Кривичниот суд. Досега, судската благајна нема исплатено пари на адвокати за трошоци, но со оглед на тоа што одлуките беа донесени од скоро, а постои законска процедура сумите за надоместоци во Кривичен допрва ќе се исплаќаат.

Претседателот на Кривичен, Иван Џолев го дели ставот со веќе искажаните мислења на, како што вели, судските и обвинителските авторитети дека со законските измени се прави упад во судскиот систем. Вели на прв момент изгледа дека не се добри, но времето ќе покаже каков придонес ќе имаат на владеење на правото. Џолев има дилема за тајмингот во кој беа донесени законските измени поради последиците со многу застарени предмети.

„Ако главниот проблем за застарувањето се измените на КЗ, она што како фела го анализираме е дека веројано требало да се внимава на тајмингот кога требало да се случат. Дали е вистинскиот тајминг не знам, веројато ќе треба да се прават анализи. Но, тајмингот е многу важен. Во спротивно, можат да бидат контрапродуктивни. Во случајов има многу застарени предмети кои беа во финална фаза. Дали требаше да почекаат да се завршат судењата, па да се оди на измени на КЗ, треба да се анализира“, смета Иван Џолев, претседател на Кривичен суд.

Претседатлеот на Кривичен не се согласува со критиките на функционерите дека судиите се виновни за застарувањето, бидејќи со години не ги решавале предметите. Досега траеле помалку од шест години, но Џолев смета дека ефективното време на судење е многу пократко ако се одземе периодот на пандемијата, кога многу често се одлагаа судењата, но и пречките поради притворот на екс шефицата на СЈО и носењето на новиот закон за ЈО.

„Апелираме да престанат да го вперуваат прстот кон судството. Се манипулира со јавноста дека предметите траат по осум, девет или 10 години. Предметите на СЈО почнаа на 1 јануари 2018 година и до денеска траат пет години и 10 месеци. Од 21 предмет, скоро сите, односно 18, се најмалку еднаш завршени во судот, а некои и двапати затоа што Апелација ги укинала. Затоа апелираме и до Апелациониот суд да одлучува мериторно“, додава Џолев. 

Според него, скратените рокови за застарување, како што тврдеа политичарите, воопшто нема да влијаат на побрзо решавање на судските предмети. Единствена предност со овие измени е тоа што наместо судечки совет со двајца судии и тројца поротници, сега во овие предмети поради пониските казни ќе суди судија поединец и полесно и побрзо ќе може да го организира темпото на судења.

Џолев на брифингот со новинарите сподели став за амнестијата, дека судиите не се среќни кога работат на предмети, а потоа се паѓа во вода со носењето на закон за амнестија. Ја искоментира и анкетната комисија за случајот со Онкологија за која вели е опструкција во време кога има активна истрагата во обвинителството. Според него, во ред е да има анкетна комисија на завршена истрага, но вака паралелно да се сослушуваат сведоци е контаминирање на истражниот процес, оцени претседателот на Кривичен.

Елена Ивановска Мукоска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Европратениците утре ќе гласаат за извештајот за Македонија

Дејан Дејан

Ангелов: Имаме доброволци, имаме професионалци од ТППЕ, цврсто сум решен да направам и специјалци пожарникари

Дејан Дејан

Ангелов: Зад сите пожари, би рекол, стои човечки фактор, лани имавме неколку пожари од грмотевици и од допир на жици

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе