Солидрниот данок оди на Уставен. Од најголемата комора во земјава поднесоа иницијатива до судот за да се оцени уставноста на овој закон. Во дописот од Стопанска комора стои дека бизнисот бара да се обезбеди гаранција на правната сигурност, како составен дел на владеење на правото што е неопходен во процесот на работење на компаниите. Но, и предлагаат судот со времена мерка да ја стопира примената на законот се додека не донесе конечна одлука за нивната иницијатива.
Вицепремиерот Битиќи, пак, вели дека се додека судот не донесе одлука, без разлика каква ќе биде таа, законското решение е во сила и фирмите кои се опфатени со данокот ќе треба да си го платат. Но, што ќе се случи ако одлуката биде во корист на бизнсиот, Битиќи рече дека не сака да прејудицира каква ќе биде таа и дека за тоа ќе се размислува кога уставните судии ќе пресечат.
„Се додека не одлучи судот, а не прејудицираме како би одлучиле, законот е во сила и сите кои се опфатени ќе треба да го платат. А кога ќе биде донесена одлуката донесена, тогаш ќе може да зборуваме за сценаријата кои можат да бидат“, изјави вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
Законот за солидарен данок се изгласа во Собрание минатиот месец. Станува збор за еднократен данок, а ќе треба да го платат сите фирми кои лани оствариле приход поголем од 10 милиони евра. Претходно од бизнисот и дел од експерската јавноста неколку пати реагираа на ваквото законско решение, затоа што се носи без консултации и без јавна дебата. Проценките се дека ќе се соберат околу 80 милиони евра, пари кои би се искористиле за антикризни мерки.
Ирена Чачкова