Со осврт на минатите битки и на оние што престојат, како и тоа што значи да си патриот и со пораки до непознатите непријатели, прeмиерот Димитар Ковачевски го одбележа празникот 11 Октомври – Денот на народното востание. Државата е пред најсеризната и неповторлива шанса за рамноправно членство во ЕУ до 2030 година, порача премиерот во својот говор пред Спомен Костурницата во Куманово.
„На ова македонско парче земја никогаш не се бегало – ни од пламен, ни од окупатори, ни од одлуки. И правецот е повторно тој и денес во остварувањето на стратешните национални идржавни цели! Да останеме цврсти и обединето да се соочуваме со актуелните предизвици, чекорејки напред. Затоа што, назад никогаш и не било опција. Ни за партизаните, ни за илинденците, ниту кога се носени важните политички одлуки при изградбата на државата и во нејзиното меѓународно етаблирање, по независноста. Назад не е ни наша опција“, рече Ковачевски.
А современата битка за Ковачески е да не се покори државата пред ничии лични, партиски и други агенди, за туѓи цели, а притоа да се донесат европските и светски вредносни стандарди – дома. Предизвикот, како што рече, е младите да останат во земјата, а антиевропската агенда е опозит на патриотизмот.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски порача дека мора похрабро да се направи исчекор кон брзи и ефикасни методи за подобар стандард на граѓаните.
„За ова е потребен, почитувани мои, општ консензус на сите политички чинители, но пред се обединување на македонските граѓани и взаемно почитување на сите заедници“, порача градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
На нивните говори претходеше, положување на цвеќе пред споменикот, изведување на химната, поемата „Очи“ од Ацо Шопов и беа претставени знамињата од народно ослободителната борба.
Во фокусот на честитката на претседателот, кој положи цвеќе пред Меморијалниот комплекс „Партизански гробишта“ Бутел во Скопје е владеењето на правото во држвата.
„За да ги зачуваме придобивките на славната антифашистичка генерација, ние мора да ја градиме Северна Македонија како демократска и функционална правна држава, со еднаквост пред законите и еднакви можности за развој и за напредок за секој нејзин граѓанин. Фокусирани на општото добро и на јавниот интерес ќе создадеме услови за нашите млади да останат во својата татковина и тука да се вклучат во битките за напредок на секое поле на животот“, порача во соопштение претседателот Стево Пендаровски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски преку соопштение порача да се учи од историјата.
„Да веруваме во нашите “борби” бидејќи историјата покажува дека македонскиот народ секогаш бил на вистинската страна. На страната на правдата, за оние кои веруваат во вредности, и оние што веруваат во слободата, во заедничкиот живот и патриотизам. Важно е да ја почитуваме и учиме историјата, за да ги научиме од грешките, да бидеме обединети и сплотени, да го слушаме гласот на народот и да се спротивставиме на оние кои распродаваат, преговараат и уценуваат“, напиша Мицкоски.
Пред 82 години со акција на групите на партизанскиот одред „Гоце Делчев“ е означен почетокот на антифашистичката борба во земјава во Втората светска војна. Истиот ден, борци на Првиот прилепски партизански одред ја нападнаа телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред. Празникот денеска се одбележува под мотото „Непокор и слобода“.
Марија Митевска