Скопското обвинителство поднесе обвинение за 25-годишниот скопјанец кој минатата недела пред очите на двегодишната ќерка и под дејство на алкохол, брутално ја нападнал сопругата со која бил во бракоразводна постапка.
Иако имал судска забрана да и се доближува на 100 метри тој дошол пред нејзиниот дом. Почнал да ја навредува, а потоа и физички ја нападнал и ја влечел за косата, ја изгребал, ја гризнал и ја зграбил за вратот, и го одзел телефонот, упатувајќи закани дека ќе ја убие и ќе избега со нивната заедничка ќерка. Жртвата успеала да избега и да се јави во полиција .
Истрага се водеше за две кривични дела „Телесна повреда при семејно насилство“ за кое е пропишана казна затвор од шест месеци до три години и за „Неизвршување на судска одлука“ за кое е предвидена казна од една до пет години затвор. Но обвинението е поднесено само за првото кривично дело за кое е предвидена и пониска затворска казна. За второто дело нема да одговара затоа што привремена мерка за заштита од семејно насилство не била правосилна
-Согласно член 377 став 5 од КЗ се казнува лице кое нема да постапи по правосилна судска одлука донесена во постапка за издавање на наредба на заштита на права. Во текот на претходната постапка е утврдено дека во моментот на сторување на делото одлуката за изрекување заштитни мерки не била правосилна, одговорија од обвинителството за Tелма.
Од ова произлегува дека во периодот откако Основниот суд ќе донесе мерка за заштита на жртва на семејно насилство, додека не биде потврдена од Апелација, може да не биде почитувана и прекршителот да не одговара кривично. Од обвинителството велат дека е констатирана оваа законска празнина во одредбата и најавуват дека во новиот КЗ ќе инсиститраат да се промени.
Според минатонеделното соопштение од обвинителството на насилникот не му било прв пат да ја малтретира жртвата и да ја прекршува привремена мерка за заштита од семејно насилство .
Обвинителот побарал и да се продолжи мерката притвор за осомничениот.