Вести Македонија Најважни

Македонија го одбележува 11 Октомври под мотото „Непокор и слобода“

Под мотото „Непокор и слобода“ денеска се одбележуваат 82 години од денот кога беше означен почетокот на Народно-ослободителната борба. Централната манифестација ќе се одржи пред Спомен-костурницата во Куманово, а во Собранието ќе биде врачена државната награда „11 Октомври“.

Цвеќе ќе биде положено пред спомениците на паднатите борци на НОБ во Скопје и во Прилеп, како и пред Спомен-костурницата во Куманово.

Денешниот ден, согласно Законот за празници, е прогласен за неработен во државата.

Пред 82 години со акција на групите на партизанскиот одред „Гоце Делчев“ е означен почетокот на антифашистичката борба во земјава во Втората светска војна. Истиот ден, борци на Првиот прилепски партизански одред ја нападнаа телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.

Празникот 11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна. Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција државава застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности. Македонскиот народ заедно со припадниците на останатите заедници самостојно се избори за својата слобода.

Од првите партизански одреди кои ја почнаа борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во доброорганизирана 110-илјадна армија со воени формации од највисок ранг како корпуси и дивизии. За време на окупацијата од Македонија беа интернирани 58.000 лица, а покрај злосторствата што окупаторите ги вршеа врз недолжното цивилно население, земјата претрпе и огромни економски штети.

Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава. Минувајќи го патот на својот повеќедецениски развој и растеж како дел од СФРЈ, а потоа и како самостојна држава, пребродувајќи го конфликтот во 2001 година, Северна Македонија, денес е полноправна членка на Обединетите нации и на НАТО, кандидат за членство во ЕУ веќе 18 години, со почнат процес за промена на Уставот, што е услов Бугарија да го тргне ветото за продолжување на преговарачкиот процес.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Дејан Дејан

Нетанјаху замина да разговара со Трамп за прекин на огнот во Газа

Дејан Дејан

Полска воведува гранични контроли со Германија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе